1. „Автономија на универзитет и на другите високообразовни установи“ опфаќа академска слобода, самостојно одлучување и управување и неповредливост на универзитетскиот простор;
2. „Акредитација на проект за основање на висoкообразовна установа“ е донесување на решение од Одборот за акредитација на високото образование со кое се прифаќа, односно се дава мислење по проектот во кој се содржани и образложени условите за основање на високообразовна установа;
3. „Акредитација на студиска програма“ е донесување на решение од Одборот за акредитација на високото образование со кое се одобрува спроведување на студиската програма на високообразовна установа согласно со закон;
4. „Високо образование“ е образование кое се остварува преку студиски програми на универзитети и самостојните високи стручни школи;
5. „Високообразовна квалификација“ е формален резултат од процесот на оценување и потврдување дека се постигнати резултатите од учење согласно утврдени стандарди по завршена студиска програма од прв, втор, или трет циклус на високо образование, стекната на високообразовна установа во Република Македонија или во друга земја, која е акредитирана и има одобрение за вршење на високообразовна дејност;
6. „Документ за делумно завршена студиска програма“ е сертификат или друг документ за стекнати студиски кредити, завршени години, семестри, испити, модули, делови од студиска програма, односно за завршени обврски по студиска програма за стекнување на високо образование, кој го издава високообразовната установа според прописите на соодветната држава;
7. „Диплома“ е јавен документ издаден од високообразовна установа со кој се докажува стекнато високо образование од прв, втор или трет циклус, потребно за продолжување на образованието или за започнување со вршење на соодветна професија;
8. „Додаток на диплома (Diploma Supplement)“ е составен дел на дипломата која содржи податоци за имателот на дипломата, информации кои поблиску ја определуваат квалификацијата, нивото на квалификацијата (стручниот, односно научниот назив) системот и содржината на студиите и постигнатите резултати, како и податоци за академските и професионалните можности кои ги дава квалификацијата за натамошни студии и професионален статус, дополнителни информации според природата на студиската програма и нивниот извор, датум и потпис и информации за националниот високообразовниот систем;
9. „Доживотно учење (Lifelong Learning)“ е облик на континуирано учење во текот на целиот живот заради усовршување, дополнување, продлабочување и осовременување на знаењето;
10. „Евалуација (Quality Assurance)“ е процена на квалитетот на високото образование која опфаќа бројни експлицитни процедури за проценување на квалитетот во институциите за високо образование, на академскиот кадар и на нивните студиски програми според прифатените постапки и стандарди и водичот (насоките) за евалуација усвоени од европските институции за евалуација во високото образование и други организации и асоцијации кои имаат улога да ги воспоставуваат и применуваат европските стандарди и упатства за евалуација на европскиот простор за високо образование;
11. „Единица на универзитет“ е факултет, уметничка академија и висока стручна школа како високообразовна установа во состав на универзитет, со права и обврски определени со овој закон и статутот на универзитетот. Единици на универзитет се и научни институти со права и обврски определени со Законот за научно-истражувачка дејност, овој закон и статутот на универзитетот;
12. „Заедничка диплома (Joint Degree)“ е диплома која се стекнува со завршување на студиска програма која заедно ја прифаќаат и изведуваат два или повеќе универзитети во земјата или универзитет од земјата и акредитирана висоообразовна установа од странство, односно нејзина единица акредитирана и регистрирана во Република Македонија, според условите определени со овој закон;
13. „Кредит систем“ е систем за акумулирање и трансфер на кредити врз основа на транспарентноста на резултатите од учењето и процесите на учење во високото образование;
14. „Кредит трансфер систем“ е заедничка процедура што се воспоставува според Европскиот кредит трансфер систем – ЕКТС или Европски систем на пренос и акумулација на поени (англиски: European Credit Transfer and Accumulation System) и претставува нумерички систем за квалитативно вреднување на работата на студентите што била вложена за стекнување знаења, вештини и компетенции што се предвидени со програмата за студирање, односно со конкретниот предмет во рамките на таа програма, ги опфаќа поените за совладување на предметот во целина, сите предмети во еден семестар, академската година и целокупното студирање и нивен пренос од една на друга високообразовна установа;
15. „Кредит“ е квантитативна мерка за изразување на обемот на учењето врз основа на обемот на работата која студентот во просек ја врши, односно оптоварувањето на студентот во кое се сметаат предавањата, семинарите, вежбите и други облици на организирана студиска работа со цел да ги постигне очекуваните резултати од процесот на учење. Кредитот му се доделува на студентот и се регистрира во неговото досие кога ќе ја исполни студиската обврска;
16. „Македонска рамка на квалификации“ е задолжителен национален стандард со кој се уредува стекнувањето и користењето на квалификациите во Република Македонија и инструмент за воспоставување систем на квалификации стекнати во Република Македонија со кои се даваат основите за прегледност, пристап, проодност, стекнување и квалитет на квалификациите, уредена со Законот за националната рамка на квалификации.
17. „Меѓународна фраскатиева класификација“ е класификацијата на научно-истражувачките полиња во две нивоа (прво и второ ниво) на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), содржана во Фраскатиевиот прирачник од 2015 година;
18. „Неформално учење“ се организирани активности на учење како курсеви, пролетни, летни и зимски школи, програми за оспособување и други oблици на учење, кои не се дел од студиските програми за стекнување на високо образование со цел унапредување на знаењето, вештините и компетенциите за лични, општествени и професионални потреби и за кои не се издава диплома;
19. „Партиципација“ е износ на парични средства што го oпределува Владата на Република Македонија, кој се наплатува од студентите запишани на јавна високообразовна установа, чие образование се финансира од Буџетот на Република Македонија;
20. „Придружна членка на универзитет“ е установа чија основна дејност е функционално поврзана со високообразовната дејност;
21. „Применувачка дејност“ е примена на научните резултати, стручното знаење и вршење на други високостручни професионални работи на наставниците, научните работници и соработниците од научната и стручна област за која е акредитирана високообразовна установа;
22. „Приватно-јавна непрофитна високообразовна установа“ е високообразовна установа основана од непрофитна фондација со јавни средства од странски и домашни извори која остварува јавен интерес. Средствата стекнати во оваа установа се користат само и исклучиво за вршење на високообразовна дејност. Оваа установа не создава и не распоредува профит.
23. „Резултати од учењето“ се изјави за тоа што знае, што разбира и за што е оспособен да прави студентот, како резултат на процесот на учење;
24. „Референтна научна публикација“, во смисла на овој закон е:
а) научно списание во кое трудовите кои се објавуваат подлежат на рецензија и кое е индексирано во најмалку една електронска база на списанија со трудови достапна на интернет, како Еbsco, Emerald, Scopus, Web of Science, Journal Citation Report, SCImago Journal Rank или друга база на списанија која ќе ја утврди Националниот совет за високо образование или
б) научно списание во кое трудовите кои се објавуваат подлежат на рецензија и кое има меѓународен уредувачки одбор, во кој учествуваат членови од најмалку три земји при што бројот на членови од една земја не може да надминува две третини од вкупниот број на членови или
в) научно списание во кое трудовите кои се објавуваат подлежат на рецензија и кое е објавено во земја членка на Европската Унија и/или ОЕЦД или
г) книга или дел од книга рецензирана и објавена во земја членка на Европската Унија и/или ОЕЦД; или
д) зборник на рецензирани научни трудови презентирани на меѓународни академски собири каде што членовите на програмскиот или научниот комитет се од најмалку три земји.
25. „Самостојна високообразовна установа“ е универзитет или самостојна висока стручна школа;
26. „Студиска програма“, е збир на наставни компоненти од едно или повеќе студиски подрачја, засновани на резултати од учењето, , кои се признаваат за доделување на конкретна квалификација, која му дава можност на лицето кое ја завршило истата да врши некоја професионална дејност или да ги продолжи студиите;
27. „Студиско подрачје“ е едно од подрачјата дефинирани во Меѓународната стандардна класификација на образованието на УНЕСКО (МСКОБ, ISCED);
28. „Фраскатиев прирачник“ е Прирачникот со упатства за прибирање и објавување на податоци за истражување и експериментален развој на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) од 2015 година;
29. „Циклуси на високо образование“ се трите последователни циклуси на високото образование идентификувани со Болоњскиот процес (првиот – додипломски студии, вториот – постдипломски студии и третиот циклус – докторски студии) во кои се распоредени сите квалификации на високото образование кои се стекнуваат на единствениот европски простор на високо образование и
30. „Школарина“ е износ на парични средства за покривање на трошоците за студирање кој студентот, чие образование не се финансира од буџетот на Република Македонија има обврска да го плати на приватна или јавна високообразовна установа.