Првите зачетоци на студентското организирање може да се согледаат уште во средновековието, кога на Универзитетот Болоња се развива модел „Универзитет на студентите“ каде студентите организирани во таканаречени гилдови имале контрола врз своите студии. Имено, постоел „ректор студент“ кој заедно со проректорите одлучувал за висината на надоместоците, санкциите за професорите кои ненавремено ги завршувале своите предавања, не се држеле до распоредот за предавања и сл.
Од ова всушност заклучуваме дека студентите уште од пред стотици години се бореле за студентското организирање, учествувале во одлучувањето и, пред сe, се залагале за студентските права и студии.
Понатаму, во историјата, особено во деветнаесеттиот и дваесеттиот век, студентските движења станале сe почести и тие претставувале израз на студентската автономна критичка мисла. Токму преку оваа мисла, самите студенти почнале сe повеќе да се интересираат за прашањата од политички и социјално-економски карактер. Типичен пример за моќта на студентската мисла и студентското движење претставува и Унгарската револуција во 1956 година, која почнала како студентски протест и прераснала во револуција на национално ниво.
Многу од овие студентски движења се претопиле во формални студентски организации, вклучувајќи ги и парламентите. Како пример може да се посочи Националната унија на студенти, формирана во 1922 година во Обединетото Кралствo.
До ден денес, оваа студентска унија претставува симбол на студентското организирање кое за главна цел си ја има поставено борбата за бранење, штитење и проширување на студентските интереси и права. Дополнително, се залагаат за достапни и транспарентни демократски структури кои би помогнале во процесот на решавање на студентски проблеми.
На сцената на студентското организирање присутни се и францускиот УНЕФ6, луксембуршкиот УНЕЛ7 и др. Нивната цел е гласот на студентите да се слушне на национално ниво, студентската партиципација да биде присутна во домашната сфера, како и во меѓународната соработка.